Судот не го прифати барањето да се исклучи јавноста од судењето за убиството на Вања и на Панче

Не е прифатено барањето на мајката на убиената Вања Ѓорчевска, јавноста да биде исклучена од судењето за смртта на нејзината ќерка кое што денеска започна во Кривичниот суд Скопје.

Зорица Ѓорчевска преку Основното јавно обвинителство побара јавноста да биде исклучена од судењето за смртта на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски поради заштита на нејзиниот приватен живот а како докази до Судскиот совет биле доставени психијатриски наоди за пост трауматско стресно растројство.

Првообвинетото Љупчо Палевски соопшти дека се противи да се затвори постапката за јавноста, а тој се одлучи на ваков чекор, како што кажа, за да не се вознемирува мајката.

Неговиот адвокатот рече дека јавноста треба да биде вклучена освен можеби во еден дел од постапката.

Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ рече дека одлуката за исклучување на јавноста ја остава на судот но таа да биде водена од јавниот интерес и од интересот на таткото кој е оштетен и жртва.

Претходно, јавната обвинителка пред воведните зборови истапи со предлог за исклучување на јавноста од целата главна расправа. Ова го побара поради заштита на приватниот живот на оштетената Зорица, мајка на починатото дете Вања Ѓорчевска.

Од страна на полномошникот на оштетената Зорица и сестрата на Вања Ѓорчевска поднесено е барање до Обвинителството за исклучување на јавноста од целата јавна расправа имајќи ги предвид, силното медиумско известување, кое медиумско известување придонесло кон продлабочување на болката и стравот кај мајката и сестрата на Вања.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Претходна вестПочна судењето за убиството на Вања и Панче, побарано исклучување на јавноста
Следна вестПалевски изјави дека не е виновен, обвинителката тврди дека тој пукал во Вања и во Панче