Парите од иселениците ќе стасуваат истиот ден, а ќе заштедат и 16 милиони евра

По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА”

Сега, како што рече гувернерката, плаќањето трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ.

– Повеќе од две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101 отсто од нашиот БДП. Покрај тоа, 87 проценти од нашите вкупни одливи и 77 отсто од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа,  рече таа.

Гувернерката соопшти дека е поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.

Според гувернерката, „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75 отсто од сите вработени и создаваат околу 70 проценти од додадената вредност”.

– Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто, рече Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.

Претходна вестПриведен разбојник кој ограбил аптека во Ново Лисиче
Следна вестТаравари: Договорот беше прво да се донесе Законот за правична застапеност на сите заедници, уставните судии избрзаа