Мухамед Зеќири доби ново судење, Апелација му ја укина пресудата

На повторно судење пред првостепениот суд е вратено судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за злоупотреба на службена положба и овластување. Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје со која тој е осуден на две години и шест месеци затвор.

При повторното постапување, се вели во решението по предметот од Апелација, потребно е првостепениот суд да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 414 став 1 точка 11 од ЗКП, на начин што најпрвин ќе ги утврди сите решителни факти во предметот, кои што имаат битно влијание за правилна примена на Кривичниот законик, при оценката за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот.

-При повторното постапување, потребно е првостепениот суд да ги изведе доказите предложени од странките во насока на утврдување на решителните факти на кои е укажано во ова решение, па по спроведувањето на доказната постапка и изведување на доказите предложени од странките, во зависност од утврденото, со правилна примена на Кривичниот законик, првостепениот суд да се произнесе за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, донесувајќи правилна и законита судска одлука, која ќе може во целост и со сигурност да се испита, се вели во решението од Апелација.

Основниот кривичен суд Скопје во декември минатата година го огласи за виновен и го осуди на две години и шест месеци затворска казна поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за склучување два договори за консултантски услуги без да спроведе соодветна постапка за јавни набавки. Освен казната затвор, Зеќири, судот го задолжи да ја надомести и штетата нанесена на Буџетот на државата во износ од 71 338 336 денари. Зеќири е осуден за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно според членот 353 став 4 од Кривичниот законик за кој со последните измени на Законикот е предвидена казна од една до пет години.

 

Претходна вестДУИ: Се случува деалбанизација на државата, се уништуваат најважните достигнувања на Албанците
Следна вестМишел му порача на Мицкоски дека е клучно да се почитуваат правно обврзувачките договори