Вработените во ЈП Улици и патишта не земале плата за септември

Вработените во Јавното претпријатие Улици и Патишта не ја добиле септемвриската плата, иако рокот за исплата е до 15-ти во месецов. Во отвореното писмо до јавноста, вработените тврдат дека се под константни притисоци и се плашат да штрајкуваат, а како главен виновник за состојбата со платите го посочуваат директорот на претпријатието. Тие тврдат и дека претпријатието има пари, но платите се уште не им легнале на сметка.

-Платата за месец септември не е исплатена иако постои информација дека Град Скопје пред десетина дена префрлил повеќе од 40 милиони денари. Новоназначениот ВД директор, Ванчо Умленски, наводно го преземал компјутерот од секторот за Финансии и сите средствата ги пренасочил на добавувачи, меѓу кои и 19 милиони денари на „Пуцко Петрол“, иако на вработените им се потребни 15 милиони денари за исплата на платите, велат Вработени во ЈП Улици и Патишта.

Од друга страна пак, од Град Скопје тврдат дека парите за плати треба да ги обезбеди самото претпријатие.

-Јавното претпријатие Улици и патишта, плати и останати трошоци од сопственото работење покрива од сопствени средства. Градот Скопје нема надлежност ниту издвојува средства за плати за предметното претпријатие, велат од Град Скопје.

За проблемот со неисплатените плати преку прашања на официјалниот мејл побаравме и од Претпријатието и од директорот Умленски, но оттаму не одговорија на нашите прашања за обвинувањата од страна на вработените. Умленски пак за В.Д директор на Улици и Патишта беше поставен од страна на Данела Арсовска на 26 јуни на местото на дотогашниот директор Ќамил Ковачи. Инаку ова не е првпат вработените во Улици и Патишта да останат без плати. Последен пат тоа се случи во ноември минатата година кога вработените излегоа на штрајк поради неисплатените плати за октомври.

Претходна вестНевообичаени снежни врнежи во Јужна Африка по 12 години
Следна вестРЕК Битола работи на декаробнизацијата, ама тешко да се откаже од јагленот