Во Њујорк прва средба Муцунски – Герапетритис

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе има средба со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис. Ова е прва средба меѓу двајцата министри, која ќе се одржи на маргините на 79. Генерално собрание на ОН.

На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна тровија, ќе се разговара за актуелните регионални и меѓународни теми, како и за понатамошното продлабочување на билатералните односи и економската соработка меѓу двете земји.

Средбата ја потврдија и од грчкото МНР, посочувајќи дека на маргините на Генералното собрание, Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија.

Шефовите на дипломатиите на двете земји првпат ќе имаат билатерална средба. На средината на јули, Муцунски и Герапетритис остварија телефонски разговор, а во фокусот беше справувањето со пожарите што тогаш беа активни кај нас.

Муцунски и Герапетритис денеска ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.

Министерот Муцунски, како што најавија од МНРНТ, ќе има значајни средби со претставници на земјите од А5, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и ќе оствари билатерални средби со министри за надворешни работи на повеќе земји. Исто така, тој ќе одржи бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.

Планирано е министерот да се обрати на „Интерактивниот дијалог 2“ на тема „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународен мир и безбедност“, што е клучен настан за повторно обврзување на глобалното единство според Повелбата на ОН.

Дополнително, Муцунски ќе учествува и на вториот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Г20, како и на отворената дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ООН на тема: „Лидерство за мир: Обединети во почитување на Повелбата на ООН во потрага по безбедна иднина.“

Претходна вестАлбанија сака да формира исламска верзија на Ватикан
Следна вестСиљановска Давкова од Самитот на иднината во ООН: Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН