Погреби на блиските и помени во спомен на починатите не се единствени тешки моменти со кои се соочуваат скопјаните при одењето на Градските гробишта Бутел. Таму, веќе со години вистинска мака е и паркирањето на автомобилите со кои доаѓаат граѓаните на најголемите градски гробишта кои не се толку блиску до централното градско подрачје. Не толку голем просторот предвиден за паркирањето на возилата и сега е во крајно лоша состојба. Најголемиот дел од асфалтот кој што порано беше поставен веќе е искорнат поради што сега има голем број на дупки, теренот е полн со камења, земја, прашина, кал… Сето ова претставува голема пречка и проблем за граѓаните кои ризикуваат да ги оштетат автомобилите и кои ионака имаат голем проблем како да ги паркираат возилата на тесниот простор.
Истовремено, бројните тезги за продавање на цвеќе го отежнуваат и влезот на автомобилите на овој простор.
Крајно време е ваквата состојба да се подобри. Надлежните од општина Бутел и од Градските гробишта треба да најдат решение за овој проблем. Просторот треба да се преуреди, да се асфалтира и одбележи, на тезгите за продавање на цвеќињата треба да им се најде друга локација… за да паркингот ја има вистинската функција. Одозгора, пак, вториот паркинг, кој е лоциран кај главниот влез одамна е претворен во дива депонија. Граѓаните бараат достоинствен однос кон нив посебно во моментите кога тука доаѓаат за да се простуваат од своите најблиски. Вака, само си доживуваат дополнителни трауми.