Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека ќе му даде статус на суверена држава на исламскиот суфиски ред Бекташи во Тирана заради промовирање на умереност, толеранција и мирен соживот.
Зборувајќи во Обединетите нации, Рама истакна дека Албанија спасила еврејски бегалци за време на Втората светска војна и згрижила Авганистанци по враќањето на талибанците на власт пред три години.
-Албанците исто така се горди што на светот му ја дадоа Мајка Тереза, која е отелотворение на љубов и човечност. Таа ни кажа дека не можат сите да прават големи работи, но можеме да правиме мали работи со многу љубов. Тоа е нашата инспирација за трансформацијата на Светскиот бекташки ред во независна држава во нашиот главен град Тирана, кажа Рама.
Околу 50 отсто од населението во Албанија се муслимани, а голем дел од остатокот се католици и православци. Последните податоци од пописот во Албанија покажаа дека бекташиите сочинуваат 115.000 од 2,4 милиони жители на земјата.
Засега е нејасно како овој ред законски би добил независност.
-Ваквиот потег има за цел да го признае Бекташкиот ред како независна, самоуправна држава, налик на Ватикан. Државјанство би добиле само високите религиозни членови и поединците вклучени во управувањето со државата, објави редот.
Бекташкиот ред потекнува од 13. век, а се здобил со политичко значење во 15. век. По основањето на Турската Република, седиштето на бекташката заедница се преселило во Албанија, каде што се вклучила и во политичкиот живот.
На челот на редот е Баба Монди (65), поранешен офицер на албанската армија, кој милиони луѓе ширум светот го почитуваат со неговата официјална титула, Негова Светост Хаџи Деде Баба.