СОНК бара поголеми плати во образованието веднаш или излегуваат на улица

Доколку до крајот на месецов не бидат исполнети барањата на СОНК за усогласување на платите во основното и средното образование, од Синдикатот на образованието, науката и културата најавуваат активирање на „најрадикалните синдикални мерки“.

-Советот на СОНК го прифати барањето на Кабинетот на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела , односно до крајот на месец септември. Доколку и по овој период не се излезе со позитивно решение за членовите на СОНК, односно за вработените во основно и средно образование, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните, се наведува во заклучоците на Советот на синдикатот.

Министерката Јаневска го повика Советот на СОНК на заедничко изнаѓање на најдоброто решение но и ги потсетува СОНК да ги погледнат наталожените долгови кои го оптеретиле и буџетот на МОН но и на државата.

-Ставот на Министерството за образование и наука е дека ние сме секогаш отворени за разговори и преговори со социјалните партнери, се разбира и со СОНК и дека правиме се што е можно во овој момент според буџетските можности на државата. Од тука продолжуваме да дискутираме и да изнаоѓаме некакви решенија. Меѓутоа јас, како одговорна организација, го замолувам СОНК а и сите негови членови буџетот е јавен да ги видат долговите на МОН кои изнесуваат 5 милијарди не по наша вина, а и долгот на целата држава кој исто така не по наша вина е направен, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Во заклучоците на Советот на СОНК е наведено и тоа дека и покрај тврдите изјави на високи владини функционери  дека Буџетот на Република Македонија е празен, Советот на СОНК не ги прифаќа изјавите на министерката за образование и наука и претседателот на Владата дека во моментов нема пари за усогласување на платите на вработените во основно и средно образование за 2024 година.

Претходна вестПрекинато водоснабдување во Општина Гази Баба и Центар
Следна вестСветски македонски конгрес: Спиропали се меша во внатрешните работи на Македонија