Нејасно е зошто владејачката партија излегува со прес-конференции и соопштенија во кои самата дава одговор на прашањата кои ги поставува, одговори поранешниот претседател Стево Пендаровски на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ во врска со неговата канцеларија.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски во јуни ја добил канцеларијата што му следува според законот, но сè уште не е доопремена за користење. Во изјава за Плусинфо тој вели дека очекува следниот месец таа целосно да профункционира.
Во врска со обвинувањата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека покажал лажна скромност со тоа што првин рекол дека не сака канцеларија, а веќе следниот ден ја побарал од Владата, Пендаровски вели дека канцеларијата ја побарал откако му соопштиле дека нема законска можност да користи просторија за средби.
-Веднаш по завршувањето на мојот мандат испратив допис до Министерството за надворешни работи и побарав да ми овозможат користење на просторија за одржување средби со граѓаните и со меѓународните претставници, но, од таму одговорија дека за такво нешто не постои ниту законска основа, ниту претходна политичка пракса. Затоа веќе наредниот ден испратив допис до Службата за општи и заеднички работи на Владата да ми обезбедат, согласно со законот, таква просторија, што беше реализирано во текот на јуни оваа година. Затоа е нејасно зошто владејачката партија излегува со прес-конференции и соопштенија во кои самата дава одговор на прашањата кои ги поставува пред јавноста. Македонските граѓани лесно можат да заклучат кој е лицемерен во случајот и кој објавува соопштенија со кои самиот се побива, вели поранешниот претседател за Плусинфо.
Тој информира дека канцеларијата сè уште нема веб-страница и граѓаните не можат да закажуваат средби затоа што просторот не е доопремен.
-Канцеларијата е во постапка за целосно доопремување што ја води Службата за општи и заеднички работи. Очекувам најдоцна следниот месец да биде ставена во функција и веб-страницата на која заинтересираните граѓани ќе можат да пристапуваат, додава Пендаровски.
По завршувањето на неговиот мандат како шеф на државата Пендаровски се откажа од дел од државните бенефиции и не зеде претседателска пензија. Тој се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ колеџ во Скопје.
Во неговата канцеларија има тројца вработени, секретарка, вработена за протокол и советник, кои, како што претходно најави Пендаровски, му се потребни за административната и логистичка поддршка за средби со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции.