Мицкоски за најавите на Снопче и на Ахмети: Нека им е со среќа

Нека му е со среќа, коментар е со кој премиерот Христијан Мицкоски денеска ја прокоментира најавата на пратеникот на „Вреди“ Халил Снопче во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, дека доколку го изгласаат законот за бранители тие ќе ја напуштат Владата.

-Нека му е со среќа, изјави кусо Мицкоски.

Премиерот беше и со идентичен одговор и на прашањето за вчерашната изјава на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој најавил протести и реагирал за укинување на балансерот.

– Исто така и на него имам да му порачам добро здравје и нека му е со среќа, изјави Мицкоски.

За изјавата на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска која е предлагач на Законот за бранителите и го повика премиерот да постапи исто како и со Законот за унгарскиот заем, рече дека пратеничката Петровска не ги разбира парламентарните процедури и дека тој како личност не функционира на принципот на закани.

– Изненаден сум од еден професор, кој користи таков речник на закани. Тоа претпоставувам е негова одлука. Дали и кога ќе дојде Законот за бранителите, не знам, тоа не зависи од мене.

-Јас сум сепак претседател на Владата. Но, кога ќе дојде, тој ќе ја има нашата поддршка, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање дали ќе го повика претседателот на Собранието да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Законот за бранителите, Мицкоски рече дека го повикува, бидејќи СДСМ тоа го бара.

Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура и треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.

 

Претходна вестТранспортери кои возеа за поранешно „Фени“ бараат исплата на над два милиона евра
Следна вестУтре бесплатен влез во Археолошкиот музеј