Фирмата која готви за Армијата тврди дека проверките покажале дека нема бактерии во храната и кујната

Сите анализи од надлежните институции потврдуваат дека храната и кујната се сто посто исправни и не се најдени бактерии или други причинители за труење, соопшти денеска фирмата Далма фоод и кетеринг, која подготвува храна за македонската војска. Се додава и дека и брисевите земени од вработените се негативни. Соопштението од фирмата е реакција на тврдења во јавноста дека последниот случај на труење на војници е последица од храната која ја готви оваа фирма.

-Во врска со јавно искажаните шпекулации за реализацијата на Договорот за јавна набавка за исхрана на припадниците на АРМ, склучен помеѓу Далма фоод и кетеринг сервис ДООЕЛ Скопје (носител на набавка), сакаме да ги информираме засегнатитe страни и целокупната јавност дека во периодот од 12.09.2024 до 19.09.2024 година, надлежни органи и институции на РСМ извршија вонредна контрола на кујната во рамки на Далма фоод и кетеринг сервис ДООЕЛ Скопје каде се подготвува храната (оброците) за АРМ. Од сите земени мостри од храна, површини и намирници, резултатите покажуваат негативни наоди за постоење на било каква бактерија или друг  вид на причинител кој може да предизвика труење. Дополнително, во рамки на контролата се земени и брисеви од опремата и од вработените кои исто така се негативни во целост, се вели во соопштението на фирмата во кое како прилог се дадени и наодите од анализите.

Претходна вестВМРО-Народна: Македонија никој не ја спомна на одбележувањето на 108 годишнината од битката на Кајмакчалан
Следна вестСудир на „Пластичарска“ , тешко повредена девојка која минувала како пешак