ДПИ: Трговците не си ја сфатиле сериозно работата и не ги намалиле цените

Трговците не си ја сфатиле сериозно работата околу намалувањето на маржите, изјави директорот на ДПИ, Горан Трајковски. Тој најави казнување на трговците кои ги немаат поставено ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и не ги продаваат по пониски цени производите за кои Владата донесе одлука да им ја намали маржата.

Трајковски кажа дека лично бил на терен и увидел неправилности.

-Нема да има попуст за никого. Лично синоќа бев на терен и увидов дека трговците не си ја сфатиле сериозно работата. Апелирам веднаш да ги преземат мерките. Денеска оние кои не ја почитуваат одлуката, ќе бидат казнети, а следната цел е затворање на објекти, рече Трајковски.

Тој додаде дека одлуката за ограничување на профитните маржи на трговците до 10 отсто ги опфаќа и бурекот и јогуртот и белите печива. Граѓани и во Инспекторатот се пожалиле дека нема поевтинување на бурекот и белите печива.

-Имаше такви дилеми, но бурекчилниците се опфатени со одлуката за ограничување на маржата, и тоа според Законот за трговијата, член 3. Денес, инспекторите прават контроли во маркетите, утре се предвидени контроли на трговците на мало и на бурекчилниците, а задутре ќе ги контролираме трговците на големо. Трговците на големо ќе ги контролираме на крајот за да им оставиме време да ги потрошат резервите. Во одлуката за ограничување на маржата влегува и јогуртот, рече директорот на Инспекторатот, Трајковски.

Во контрола се излезени 40 тима со над 120 инспектори и се прават проверки во маркетите на територијата на целата држава.

Директорот Трајковски и денес рече дека ќе има нула толеранција и повтори дека казните за оние што не ја почитуваат одлуката за ограничување на профитната маржа се од 2.000 до 10.000 евра, а најави дека за нефер трговски практики ќе одат и со затворање.

Трајковски нагласи дека граѓаните не треба да очекуваат намалување на сите цени на производите опфатени со одлуката оти има трговци што досега оделе со маржа помала од 10 отсто и таквите немаат обврска да ја намалат цената на производите опфатени со одлуката.

Претходна вестОтворен музејот на „Алкалоид“
Следна вестДамјан Давков освои сребрен медал на Балканската олимпијада по информатика