Средба Мицкоски – Орбан: Се потврдува стратешкото сојузништво

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, утрово оствари куса средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид.

Орбан е во официјална посета на Македонија, а денеска ќе има и обраќање пред новинарите.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави дека средбата е потврда за стратешкото сојузништво меѓу двете земји.

-Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на „Фејсбук“ по средбата со Орбан.

По оваа  средба се очекува заедничка меѓувладина седница на Северна Македонија и Унгарија.

Седницата ќе се одржи во хотелот „Инекс Олгица“, а веднаш потоа на истата локација се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција.

Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Во Охрид се преземаат неопходните безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците Илинденска и Коста Абраш е забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите Туристичка и Македонски просветители, улиците Абас Емин и Кирил и Методиј како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, Законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.

Претходна вестПочнува фестивалот „Звукот на Скопје“
Следна вестЦУК: 1 771 повици на 112 во последното деноноќие, пет пожари на отворено