Битиќи: Со Законот за нефер трговски практики на СДСМ ќе поевтинат 2.500 производи

Денес имаме причина да се гордееме! Законот за нефер трговски практики, кој беше подготвен од СДСМ и донесен на 13 март 2024 година, стапува на сила. Овој закон не е празна декларација, тој е конкретна мерка која ќе го заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите. За првпат, создадовме системско решение со кое ќе ставиме крај на манипулациите со цените. Од денес ќе важат јасни правила и се става ред во односите меѓу трговците и добавувачите со прехранбени производи, рече денеска на прес-конференција, Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.

– Законот нема да ги наруши добавувачките ланци и нема да предизвика хаос на пазарот. Дадовме системски одговор на сите манипулации со кои беа оптоварувани граѓаните, а со тоа и нивниот животен стандард, вели тој.

Битиќи објасни дека со овој закон се регулираат 26 нефер трговски практики, со кои над 2.500 земјоделски и прехранбени производи ќе имаат ограничени маржи од 10%. Тоа, според него, значи дека нема да има просторот за неосновано покачување на цените и создавање на дополнителни трошоци кои директно ги погодуваат семејните буџети.

-Граѓаните конечно ќе почувствуваат системска заштита од покачување на цените. Придобивките се јасни: поквалитетни и поевтини производи на пазарот, транспарентни деловни практики и крај на ситуацијата во која потрошувачите се принудени да плаќаат повисоки цени поради нечесни договори и шпекулации. Овој закон кој го подготви СДСМ е на страната на граѓаните! Денес, сакам да упатам јасен повик до сите трговци и добавувачи: почитувајте го Законот за нефер трговски практики! Почитувајте ги правилата и водете се од принципите на чесност и транспарентност. Овој закон е за доброто на сите нас – и трговци, и производители, и граѓани. Ги повикувам и надлежните институции да преземат проактивна улога и да го спроведуваат овој закон со максимална контрола и посветеност. Само на тој начин ќе го постигнеме она што го посакуваме – стабилни цени и заштита на економската сигурност на секое секој еден граѓанин, изјави Битиќи.

Претходна вестРодилка почина во кумановската болница
Следна вест(Видео) Невреме во Словенија: по обилните дождови се излеа река, поплавени патишта, подруми и ниви