Раководството на СОНК со поддршка од претседателот на КСС, остварија работна средба со претседателот на Владата, министерот за образование и наука, министерот за финансии, министерот за економија и труд, советникот на премиерот за труд и социјала и претставници од МОН, на која се расправаше за стратегии и политики во надлежност на двете институции.
Ова денеска го објави Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој наведе дека особено се посвети внимание на социјалниот статус на вработените во образованието, како и спроведување на реформите во овој сектор.
-Се разговараше за долгорочна стратегија и динамика на пораст на платите во основното и средното образование со што вработените ќе го добијат заслуженото место во општеството. Исто така беше договорено што поскоро да се пристапи кон утврдување и потпишување на колективните договори за основно, средно и високото образование. Се очекува наскоро да се излезе со усогласени ставови од двете страни, за што јавноста ќе биде информирана. Убедени сме дека членовите на СОНК ќе бидат задоволни од резултатите на преговорите, најави Неделков.
И премиерот Мицкоски во објавата на Фејсбук наведе дека следуваат добри одлуки
-На средбата разговаравме за унапредување на работничките права, состојбата во образованието, науката и културата, колективните договори како и состојбата со платите и нашата тенденција тие да растат согласно реалните можности на економијата. Стандардот на вработените ќе го подобруваме преку заеднички дијалог и мерки кои ќе дадат резултати. Разговараме за сет одлуки и системски мерки кои ќе бидат оддржливи на долг рок. Следуваат добри одлуки!, потенцира Мицкоски.
Пред шест дена Синдикатот на образованието, науката и културата најавува дека ќе ги активира најрадикалните синдикални мерки доколку веднаш не дојде до зголемување на платите на образовниот кадар.
-Советот на СОНК го прифати барањето на Кабинетот на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела односно до крајот на месец септември. Доколку и по овој период не се излезе со позитивно решение за членовите на СОНК, односно за вработените во основно и средно образование, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните, се наведува во заклучоците на Советот на СОНК.