Вардар пред три месеци го победи Пелистер на натпревар на кој се чинеше дека гостинскиот тим е подобар ривал, а оваа вечер во Битола видовме идентично сценарио, но со променети главни улоги.
По прескромното прво полувреме во кое речиси да не видовме ниту една шанса, Вардар беше подобар тим и ги сакаше три бода во продолжението, но откако не искористи три добри шанси и го разбрани Јовчевски, беше сурово казнет кога се чекаше последниот судиски свиреж.
Еден навидум безидеен центаршут во шеснаесетникот на Вардар заврши со гол на Мирко Ивановски, па откако стрелаше за 1:0, капитенот заврши на трибината кај „Чкембари“ и доби втора јавна опомена.
Стелецот на погодокот беше предвреме испратен во соблекувалните, но тоа не го намали статусот на херој кој го доби на најновото „вечно дерби“ во македонскиот фудбал.
Пелистер на овој начин му се реваншираше на Вардар за поразот во месец август, резултат со кој „црвено-црните“ се заковани за дното на Првата македонската фудбалска лига.
Од друга страна, Пелистер по четирите реми средби во низа, вечерва ја запиша првата победа и скокна до 7-то место со 16 освоени бода, двојно повеќе од Вардар.