Лазаров: Не се откажуваме од Талески и Митревски, туку имаме потреба од нови играчи

На 6 ноември со почеток од 20.00 часот во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ – Скопје најдобрата македонска машка ракометна репрезентација против Естонија ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите зап ласман на Европското првенство 2026 година.

Продажбата на влезниците за мечот Македонија – Естонија е во тек онлајн на интернет-страницата на МК Тикетс. Влезници можат да се купат и на сите продажни места на МК Тикетс низ државата. Продажната цена на влезниците за натпреварот е 200 и 300 денари.

Четири дена подоцна на 10 ноември нашите најдобри ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров ќе играат на гостински терен против Литванија.

За овие два натпревари Лазаров не ги повика голманот Никола Митревски и левиот бек Филип Талески.

– Доаѓаат нови, млади и добри ракометари кои се квалитетни во нивните клубови и можат да решат натпревари против силни противници. Ние од никого не се откажуваме, туку се има потреба од нови играчи, а радува тоа што имаме поголем избор. Мислам дека имаме млади и квалитетни голмани кои треба да добијат шанса, да видиме како ќе се однесуваат кога покрај нив нема да биде голман од калибарот на Митревски. Што се однесува до Талески, тој е квалитетен ракометар, но на последните големи натпреварувања и на останатите официјални натпревари не покажа доволно квалитет. Затоа повикавме други ракометари, како што е Павле Атанасијевиќ. Можно е да има промени во начинот на игра, секако идејата е да имаме квалитетна репрезентација. Што се однесува до првите два квалификациски мечеви за ЕП 2026, на секој натпревар треба да се биде внимателен, ги анализираме ривалите. Ќе видиме како ќе се однесуваат противниците, мислам дека ќе биде потешко против Литванците, вели Лазаров.

Претходна вестСиљановска-Давкова ќе ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
Следна вестРама: Албанија се надева на членство во ЕУ до 2030 година