ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи

Предлог-законот на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи нема да биде поддржан од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најави денеска пратеникот од редовите на владејачкото мнозинство Бојан Стојановски.

Образложението за неподдржување на законот, според Стојановски, е што со тоа „се продолжува дневно-политичкото препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба“.

Стојановски рече дека претходната Влада четирипати одбила такво законско решение.

-Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2 000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот, рече тој.

За Предлог-законот што денеска СДСМ го поднесе во Собранието, Стојановски рече дека нема да придонесе за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку дека тој е за креирање на дневно-политички теми

Тој го повикува Венко Филипче и пратеничката група на СДСМ, денеска да почнат да го разгледаат Буџетот за 2025 година, којшто треба да влезе во собраниска процедура и да ја закажат собраниската расправа, а не, како што рече, да бегаат од собраниска расправа.

-Да ги видат ставките за покачувањето на пензиите, за покачувањето на платите, за капитални инвестиции. Да дадат амандмани коишто ќе бидат сериозни и коишто ќе може да се поддржат. На тој начин најдобро може да придонесат за подигнување на стандардот на граѓаните. Да ги напуштиме ваквите политички тези коишто немаат врска со реалноста и да се фокусираме на конкретни работи коишто може да го подобрат стандардот на граѓаните, рече Стојановски.

Претходна вестДржавен ревизор Ацевски: Да се преиспита финансирањето на „шангајските“ стипендии
Следна вест68-годишна жена и 21-годишно момче се степале во центарот на Скопје