Ваучерите за инвертери можат да се подигнат само во текот на утрешниот ден

Граѓаните добитници на потврда-ваучер за купување и вградување на високоефикасни инвертер клима уреди, како и на правни субјекти кои вршат трговија на високоефикасни инвертер клима уреди само утре ќе можат да ги подигнат ваучерите, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини кое на втори овој месец ги објави и списоците.

Ваучерите ќе бидат доделени во текот на утрешниот ден во Центрите за вработување низ градовите од државата во терминот од 9 до 15 часот, освен во Битола каде спортска сала „Боро Чурлевски“ ќе работи до 17 часот за граѓаните од Битола, Новаци и Могила и во Скопје, во Спортски центар „Борис Трајковски“ утре од 9 до 17 часот ќе се доделуваат ваучерите за граѓаните од сите скопски општини.

-Овие ваучери се наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024 година. Конкурсот и изборот на корисниците беа спроведени и финализирани од страна на Министерството за економија, кое преку своите комисии направи евалуација и конечен избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери. По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите. Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Станува збор за лицата и правните субјекти кои поднеле барање согласно Јавниот оглас за Програма за зашита на ранливи потршувачи на енергија за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.17/24 и 210/24), Јавниот оглас за Програма за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинства за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 13/24 и 209/24) и Јавен повик за пријавување на интерес од страна на правни субјекти кои вршат трговија на високоефикасни инвертер клима уреди.

За овој проект обезбедени се 4,1 милион евра или има пари за околу 6.000 ваучери. На повикот објавен во февруари пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика, од кои 14.500 баратели се од категоријата неранливи потрошували, а за огласот за ранливи потрошувачи конкурираа 4.305 баратели.

Согласно објавениот Јавен оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот Регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони по 23.000 денари.

Претходна вестСе запали автомобил на автопатот Велес – Скопје
Следна вестЦУК: Регистрирани 14 пожари на отворено, сè уште се активни два