Некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани, а можните решенија за овој проблем во моментот се предмет на дебата, изјави денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.
-Јас сум повеќе за варијантата некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани. Постојат и други решенија, но можеби е интересно дел од јавната администрација да се намалува по природен пат, врз основа на пензионирање, заминување од јавната администрација. Секако тоа е предмет на дебата, одговори Минчев прашан од новинарите дали некомпетентната администрација значи намалување на бројот на административците.
Министерот говореше за трите законски решенија што беа на јавна дебата во изминатите три месеци издвојувајќи го како нов предлогот за формирањето академија за едукација и обука на јавната администрација.
-Со формирањето на академијата за обука на административците, би значело дека лоцираните проблеми во секоја институција, министерство, каде велиме дека има недостаток на квалитет и на знаење, би оделе на варијаната на преедукација на истите, односно на распоредување на работни места со цел да ги исполнуваат своите работни задачи врз основа на својот афинитет, образивание и квалитет, изјави Минчев.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, Минчев изјави и дека претходниот извештај на ЕУ нотирал злоупотреби на балансерот, кој е укинат од Уставниот суд, па сега со законот за правична застапеност на етничките заедници не смее да се брза. Најважно е, вели министерот, со новото законско решение да нема злоупотреби.
-Потребно ни е внимателно, уставно решение, со препорака од Венециската комисија. Исклучиво експерти работат на оваа област, додаде Минчев кој засега не можеше да каже во која фаза е процесот.