Ѓорѓиевски ги седна Трипуновски и Костадинов на заедничка маса: Се најде заеднички прифатливо решение за проблемите на Струмица

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вчера во просториите на ЗЕЛС одржа средба со министерот Цветан Трипуновски и градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов, за проблемите на струмичани и изнаоѓање на заеднички решенија. На состанокот се усвоија неколку заклучоци, а Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС е обединет и додека е тој претседател, сите проблеми ќе се решаваат на заедничка маса

– Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така и оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица. Како што истакнав на моите претходни излагања, кај мене не постои поделба по ниту една основа и ќе бидам медијатор во решавање на сите процеси. Политика мора да стои настрана, граѓаните се приоритет!, објави Ѓорѓиевски на својот профил на Фејсбук.

Тој наведе дека се договорени неколку точки:

▪️Ќе се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната Турија и причините за неодамнешното појавување на манган во водата;

▪️Долгот кој што го има општина Струмица кон АД ,,Водостопанство” ќе биде сервисиран согласно утврдена динамика, а АД ,,Водостопанство” ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност.

-Дискутиравме и за квалитетот на водата која што во моментов според надлежните институции е исправна за пиење. Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет. Од сега па натаму, додека јас сум претседател проблемите ќе се решаваат исклучиво на маса, а комуникацијата помеѓу институциите ќе биде на највисоко ниво!, наведе Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, пак, преку својот Фејсбук профил истакна дека се исполнети барањата на Општина Струмица.

-Позициите на Струмица исполнети! Деполитизација на предизвикот со водата во брана Турија! Работна експертска група која ќе даде дијагнозата и насоките, краткорочни, среднорочни и долгорочни за превенција на повторно појава на високо ниво на манган во водата. Динамика која ќе мора да ја почитуваме за сервисирање на долгот кон АД Водостопанство. Целосно превземање на обврските согласно надлежностите на АД Водостопанство, МЗШВ, општина Струмица. Затоа и беше активиран алармот, за да најдеме заедничко решение! Кога се сака, се може, напиша Костадинов на својот Фејсбук профил.

 

Претходна вестСе одбележува 80-годишнината од ослободувањето на Скопје
Следна вестСиљановска се сретна со Радев: Нашите разговори се пријателски, го поставуваме тонот за билатералните односи