Тошковски: Минување на црвено светло, непрописно паркирање и возење со поголема брзина од препорачаната ќе бидат регистрирани со „Сејф сити“

Системот „Сејф сити“ ќе регистрира сообраќајни прекршоци, како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање, со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви, чии бројки се очекува драстично да се намалат, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој зборуваше на платформата „100 отсто посветено за тебе“, каде што за јавноста во фокус беа мерките и политиките за безбедноста, одбраната и правдата.

Тошковски запрашан кога ќе профункционираат камерите од многуочекуваниот проект „Сејф сити“, истакна дека поставувањето на камерите во Скопје, Тетово и во Куманово се очекува да биде завршено и проектот да биде финално пуштен во текот на 2025 година.

-Со проектот, иако планиран и почнат од порано, не се предвиделе системските решенија како ќе се имплементира и во другите институции, како судовите. Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското. Измените се однесуваат на воведување нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со право на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следува, запазувајќи ги сите законски регулативи. Секако, ќе има период на информирање на граѓаните, нивно приспособување кон системот со цел да почнеме сите спремни и заедно да градиме сообраќајна култура, која ќе резултира со ред во сообраќајот, без жртви, потенцира Тошковски.

Претходна вестМицкоски: Очекувам дека до крајот на оваа година ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес кон ЕУ на достоинствен начин
Следна вестФилипче: Речиси двојно, за цели 75 отсто, ВМРО-ДПМНЕ го зголеми буџетот за нови возила за функционерите