Сведокот Кираца Трајковска прва ги поврзала исчезнувањата на Панче и на Вања

Поранешната заменик-директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска, која со нејзиниот син Гоце биле кумски поврзани со семејството на убиената Вања Ѓорчевска била прва која што го поврзала нејзиното исчезнување со она на велешанецот Панче Жежовски. Таа во денешното сведочење на продолжението на судскиот процес за убиството на Вања и на Панче рече дека нејзината интуиција ја навела да мисли дека ,,цитроенот” е сомнителен и го поврзала со исчезнатиот велешанец, но не можеше да каже како точно дошла до таков заклучок.

Рече, дека кога ,,цитроенот“ им станал сомнителен, бидејќи поминал во близина на зградата, го поврзале возилото со Панче Жежовски, за кој слушнала дека е исчезнат, па помислиле тој ја грабнал Вања.

-Гоце ми прати скриншот од возилото. Од мои роднини од Велес барав информации и баравме снимки и еден роднина ни даде, а Гоце ги предаде во полиција, речеше Трајковска.

Според она што таа го кажуваше, би требало да се заклучи дека Трајковска и нејзиниот син биле тие што ги нашле најважните снимки и кои ги поврзале исчезнувањата на Панче и на Вања, место МВР и Обвинителството.

Трајковска е поврзана и со главниот обвинет, Љупчо Палевски, кој бил зет за нејзина втора братучетка. Во „Фершпед“ работел и Александар, таткото на Вања.

Одговарајќи на прашањата на обвинителката, Трајковска за исчезнувањето на Вања рече дека дознала од Фејсбук. Веднаш го известила синот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска, но не дојде во судот затоа што добил паничен напад.

Таа вечерта на 27 ноември им се јавила на родителите на Вања. Им предложила синот Гоце да дојде да им помогне во потрагата по малата кума Вања. Гоце барал по кафулиња, влегол во распаднати куќи. Одел по куќи и по згради, гледал камери каде имало. Земале снимки, потоа ги гледале. Кираца Трајковска во тоа време била во Белград, кај ќерката.

-Тој забележал дека девојчето се губи во зградата. На аголот имало некои 10 метри кои камерите не ги покриваат. Но, никаде Вања не ја виделе пешки, сведочеше таа.

Зоран Ѓорчевски, таткото на Александар Ѓорчевски, и дедото на убиената Вања, во сведочењето кажа дека Александар во младоста имал проблеми со зависности, ама се излекувал пред да се ожени. Во продолжение тој објасни дека Александар бил вработен со години наназад, но откако се случило грабнувањето и убиството не работел никаде, па се издржувал од пензијата на родителите, кои помагале колку можат.

Потоа беше прашан дали Александар имал долгови и зависност.

-Немаше долгови. Имаше зависност, но се излекува па стапи во брак. Немаше никакви проблеми, вообичаени во младоста, се излечи, па се ожени, рече Зоран Ѓорчевски.

И мајката на Александар, Иванка Ѓорчевска рече дека синот бил зависник од дрога, но дека тоа било успешно завршено.

Претходна вестФилмските работници со отворено писмо до Љутков: Снимања речиси и да нема, исплатите и веќе реализираните проекти се стопирани…
Следна вестИзмамен кумановец: Му рекле дека има биткоини на сметка од која потоа му повлекле 200.000 денари