Секој ученик од седмо до деветто одделение ќе биде обврзан да учествува во општествено корисни активности со вкупно 30 саати годишно. Ова е предвидено со програмата која за првпат годинава ја изработија Министерството и Бирото за развој на образованието. Овие активности имаат за цел да ја развијат свеста за заедницата, одговорноста кон општеството и емпатијата кај учениците.
Оваа новина ја соопшти министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната Национална конференција за соработката помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, во организација на Цивика Мобилитас со поддршка од Швајцарската амбасада.
-Програмата вклучува волонтерство и соработка со граѓански организации, а преку ваквиот ангажман учениците ќе учат како да придонесуваат за доброто на заедницата, што е важно за нивниот личен развој и граѓанска одговорност, рече Јаневска.
Таа додаде дека од следната година, програма за општествено корисни активности ќе се изработи и за учениците од гимназиите, со оглед на тоа што гимназиското образование е во процес на реформирање.
Одговарајќи на прашање како МОН планира да ги вклучи граѓанските организации во развојот, спроведувањето и следењето на новата Национална стратегија за образование за 2026 година, министерката рече дека граѓанските здруженија се веќе вклучени во процес кој претходи на пишувањето на Националната стратегија.
-Досега се сретнав со 50-тина граѓански здруженија и со сите дискутираме за предизвиците кои ги засегаат оние кои тие ги застапуваат како организации. За секој предизвик оформуваме одговори во вид на мерки, проекти, активности, законски измени и слично. Дел од нив се веднаш спроведливи, дел пак, ќе бидат интегрирани во стратешки документи како што е Националната стратегија. Комуникацијата со здруженијата ни е особено важна, додаде Јаневска.