Супер-тајфунот Ман-ји стаса на Филипините, повеќе од 650.000 луѓе се евакуирани

Супер-тајфунот Ман-ји, кој зајакнува и може да има „потенцијално катастрофално“ влијание врз Филипините, денеска стигна до брегот на архипелагот и предизвика бранови високи до 14 метри, според податоци од метеоролошката служба.

Повеќе од 650.000 луѓе беа евакуирани. Во општина Катандуанес, во областа Бикол, ветровите достигнаа брзина од 195 км/ч, објави националната метеоролошка агенција.

Милиони луѓе се загрозени од супер-тајфунот, кој е шеста голема бура што ги погоди Филипините за еден месец.

Во претходните бури загинаа најмалку 163 луѓе, илјадници останаа без покрив над главата, а беа уништени посевите и добитокот.

Властите го повикаа населението да ги послуша предупредувањата и да побара засолниште од невремето.

Претходна вестОбјавена снимка од моментот на експлозијата во дворот на Раде Штекли (ВИДЕО)
Следна вестПосебен режим на сообраќај поради ноќната атлетска трка