Трпески негира дека го украл ехо апарат од кичевската болница

Ехо апаратот го немам украдено, ниту пак го имам извадено од болницата, соопшти денеска поранешниот директор на кичевската болница, д-р Станко Трпески. До изјавата доаѓа откако вчера МВР поднесе кривична пријава против него поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“. Трпески тврди дека се води хајка против него

Тој е осомничен дека во периодот од 08.07.2021 до 07.08.2024 година, неовластено присвоил ехо апарат М9 Миндраѕ, кој му бил доверен како донација од Министерството за труд и социјална политика. Вредноста на апаратот изнесува 2.134.482 денари.

– Верувајте првпат слушам за вакво нешто. Со сигурност можам да кажам дека станува збор за клевета, некој сака да ми наштети на мене и на мојата репутација. Ехо апаратот го немам украдено, ниту пак го имам извадено од болницата, бидејќи е огромен и не е туку-така некој да го стави во џеб и да излезе. Во целата болница има видео-надзор, па ако сум го изнел апаратот некој ќе го забележал тоа, изјави Трпески за „Плусинфо“.

Според Трпески, апаратот цело време бил во болницата, а неговото присуство во магацините не е доказ за каква било злоупотреба.

– Малку е чуден и фактот дека апаратот бил најден кај мене дома. Со сигурност ви гарантирам дека не бил, а уште поинтересно е што полицијата никогаш и нема дојдено кај мене дома за да провери, вели екс-директорот.

Тој вели дека на датумот наведен во соопштението на МВР, бил на конгрес во Солун и користел одмор, а дека апаратот не бил во неговата надлежност откако престанал да директорува.

Претходна вестШекеринска стана заменик генерален секретар на НАТО
Следна вестГрад Скопје: Ако Мицкоски има решение за ЈСП, зошто неговите советници сега не гласаат за набавка на нови автобуси или за воведување БРТ