Уште вчера и се јавив на Радмила Шекеринска за да и честитам за изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој одговори на новинарски прашања врзани за изборот на Шекеринска.
-Уште вчера и се јавив по телефон на Шекеринска и разговаравме, нема дилема дека треба да соработуваме и заедно да направиме се што можеме да и помогнеме на македонската армија, а со тоа и за безбедноста и сето она кое што им е потребно на македонските граѓани, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека лично тој и Владата немале дилема да ја поддржат кандидатурата на Шекеринска, без оглед на политичките и идеолошки разлики.
-Не е тајна дека во минатото сме имале и до ден денеска, многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошки разлики – и тоа не треба да го криеме, бидејќи доаѓаме од различни политички семејства и опции. Но, како влада имавме пред нас предизвик за одлука кој и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата. И доколку повикувате, а тоа не го правите на дело, тогаш сте лицемерни. Затоа ние како влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. Ниту јас ниту ние како влада немавме дилема дека треба да ја поддржиме кандидатурата, и добро е што успешно се заврши, рече премиерот.