Ќе се гради подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје

Владата на денешната седница донесе одлука да одвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје, најави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

Новата гаража, како што кажа на денешната прес-конференција во Владата, ќе има 371 паркинг место распоредени на две подземни нивоа со вкупна површина од повеќе од 13.000 квадратни метри.

– Во подземната гаража ќе бидат обезбедени и адекватни паркинг места за лица со посебни потреби. Со таа инвестиција се заокружува плоштадот Скендербег и се демонстрира нашата посветеност кон решавање на инфраструктурните предизвици со кои се соочува нашиот главен град, Старата скопска чаршија, општина Чаир и општина Центар, рече Меџити.

Нагласи дека изградбата на оваа гаража е од особено значење за чаршијата и за Чаир и ќе го реши долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг места во овој дел од градот со што се очекува зголемување на бројот на туристите во Старата чаршија.

– Во наредниот период ќе работиме проектот да биде реализиран во најкраток можен рок и со највисок квалитет. Ќе обезбедиме транспарентност и отчетност во сите фази од реализацијата со цел да ги оправдаме довербата и очекувањата на граѓаните, рече Меџити.

Претходна вестСиљановска Давкова и Филипче разговарале за политичките и безбедносните состојби и деблокадата на евроинтеграциите
Следна вестМатични лекари ќе можат да работат без медицинска сестра во населени места до 2.000 жители