Поранешниот вицепремиер и функционер на Демократската унија за интеграција, Артан Груби, денеска на својот фејсбук-профил ги демантираше наводите за негова наводна поврзаност со настаните што се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, а поврзани со сквернавења на национални симболи, за што денеска го обвинија од коалицијата „Вреди“.
Груби го осуди палењето на националните симболи и побара јавно извинување од коалицијата „Вреди“. Во спротивно, најави тужба.
-Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинувате и да им служите, напиша Груби на Фејсбук.
Го осуди насилството и палењето знамиња, како и институционалното поттикнување на тензии и селективната моноетничка правда.
-Во најсилна можна форма деменатирам какви било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, па затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги што имсе секојдневие, вели тој.
Коалицијата „Вреди“ денеска објави дека се обезбедени фотографии, со кои докажуваат дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи од прес-конференција во партиското седиште, порача дека ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како „топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека.