Јаневска: Нова спортска сала за основците од Црешево

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го поставија камен-темелникот за изградба на новата спортска сала во основното училиште „Наум Охридски“ во Црешево.

-Учениците ќе добијат модерна и опремена сала, каде ќе можат да ги одржуваат часовите по физичко и здравствено воспитување, кои се многу повеќе од правење вежби и играње кошарка или фудбал за да се добие оценка. Физичката активност е многу важна за нивното здравје, но преку вежбите и спортувањето децата учат и важни животни вештини – како да работат тимски, стекнуваат дисциплина, се учат на издржливост и развиваат чувство за заедница. Некои од нив можат да постигнат и поголеми спортски резултати – впрочем сите славни спортисти почнале од некое основно училиште, рече Јаневска.

Нагласувајќи дека Министерство за образование и наука во соработка со локалните самоуправи е насочено кон подобрување на инфраструктурните услови за одвивање на воспитно-образовниот процес, Јаневска посочи дека во текот на владиниот мандат, со повеќе буџетски средства за образование, планирана е изградба на нови 30тина училишни спортски сали во различни општини.

Изградбата на салата во Црешево ќе чини 34 милиони денари, а средствата се обезбедени преку јавниот повик на Владата за распределба на средства за општините.

-Нам ни се важни децата, младината и ќе направиме сѐ за да може секое дете да учи и да се развива, затоа што иднината им припаѓа ним, потенцираше Јаневска, додавајќи дека со заеднички заложби, локалната и централната власт можат да ги подобрат условите во кои се одвива наставата.

Претходна вестОдлуката за притвор за Груби останува во важност: Кривичниот суд ја одби жалбата
Следна вестФинансиската полиција со кривични пријави за даночно затајување