Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање за тоа кој е ставот на Владата за недела да биде неработен ден, истакна дека тоа не треба да биде селективно како што го направила претходната влада, туку или да им се даде можност на сите што ќе постигнат договор со работодавците за двојна или тројна дневница да остварат таков приход или никој да не работи.
-И денеска е недела работен ден, но за одредени економски оператори, дури во законот со квадратура се нацртани и се опишани кои се тие. Да речеме, работи еден трговски центар, кој се сеќавам со фанфари го отвораше тогашната коалиција СДСМ – ДУИ во занесот на инспирацијата пред првиот или вториот круг на локалните избори 2021 година мислејќи дека на тој начин ќе постигне подобар резултат. И сега има одредени економски оператори што работат. Ние како Влада си го поставуваме следното прашање, а тоа е или никој да не работи, вклучително и тие, или оние што сакаат да работат со согласност на работниците што сакаат да работат, да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата што ја имаме како Влада и тука не гледаме ништо лошо, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека, според мерењата на јавното мислење, околу 75 % се за да работат во недела доколку им се плати двојна дневница.
-Дури, за ваша информација, месечно трипати мериме јавно мислење за внатрепартиски и внатрекоалициски потреби и на тие јавни мерења обично една или две се телефонски и едно е секогаш теренско мерење. Приближно тестираме неколку атрибути, меѓу кои и овој. Седумдесет и пет проценти од граѓаните се за тоа оние што сакаат во недела да работат доколку им се плати двојна дневница, нагласи Мицкоски, но додаде дека кое ќе биде конечното решение, ќе зависи од следниот состанок на Економско-социјалниот совет.
-Дали ќе дојде до овие законски интервенции и кои ќе бидат, кон кое решение ќе конвергираме ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на Економско-социјалниот совет. Ова прашање ние сме го разговарале и со синдикатите. Ова не е прашање што ние сакаме да го наметнеме. Сме го разговарале и со синдикатите и со стопанските комори, работодавците. Ние не сме го разговарале ова прашање во тесен круг и да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со оваа одлука. Ако мислите дека ние на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме на сила, истакна Мицкоски и додаде:
-Генерално, се катализираат две решенија. Едното е или никој да не работи, ама никој. Има еден таков главен град на една држава во централна Европа, никој не работи во недела и готово, тоа е тоа, или ако некој плати двојна дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи.
Тој исто така потенцира дека негово лично мислење е или да им се даде можност на оние што сакаат за подобар приход да работат или никој да не работи, но сè ќе зависи од состанокот на Економско-социјалниот совет, на кој отворено ќе се разговара со работниците и работодавците.
-Ако сакаме да правиме диверзификација и промена на нашиот економски модел и концепт, мораме да размислуваме вака. Кое ќе биде конечното решение јавноста ќе го знае кога ќе заврши последниот состанок што ќе го имаме со Економско-социјалниот совет, на кој ќе разговараме заедно отворено, гласно и јасно помеѓу работодавците и работниците. Мое лично мислење, еве да немате дилема, е дека за сите оние што ќе постигнат договор со работодавците и ќе добијат повисока дневница, двојна, тројна итн. треба да биде овозможено во недела да работат и да остварат таков приход или, ќе повторам, никој да не работи, заклучи Мицкоски.