Новиот Закон за учебници во основно и средно образование ја уредува подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта, со него ќе добиеме подобар квалитет на учебниците а тие и понатаму остануваат бесплатни. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со новиот модел, учебниците се даваат на издавачките куќи, но, на почетокот, ќе функционираат и двата модели за изготвување учебници, бидејќи постапките кои се почнати, мора да се завршат по стариот закон.
-На средба со издавачките куќи, веќе ги информиравме дека пресметката на вредноста на учебниците ќе оди по формула и тие се согласни, што значи дека максималната цена на учебникот ќе биде ограничена. На цената, се разбира, влијае тиражот, преводите и други елементи. Ние сме единствена земја која прави бесплатни учебници на 5 јазици, но ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму, само нашите деца да стекнат повеќе знаења, компетенции и вештини, изјави министерката Јаневска.
Експертите со кои се консултираше министерството, Педагошката служба и комисијата која работеше на законот, сите се убедени дека со новиот модел ќе се избегнат грешките и ќе добиеме поквалитетни учебници, што заедно со новите програми кои ги креира Бирото за развој на образованието, ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес, објасни Јаневска.