СДСМ нема да ги поддржи и нема да ги гласа интерпелациите

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нема да ги поддржи и да гласа за интерпелациите што денеска се на дневен ред на собраниската седница, а кои се поднесени од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Ставот на пратеничката група денеска пред почетокот на седницата го истакна координаторот Оливер Спасовски.

Тој рече дека во СДСМ сметаат дека нема потреба да има нови поделби по етничка основа во однос на интерпелациите.

-Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување на какви било меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински причините за интерпелациите, не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи, факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација, рече Спасовски.

Во однос на петтата интерпелација што денеска ќе се разгледува во Собранието, а е за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, која е поднесена од Левица, Спасовски не даде конкретен одговор околу ставот на СДСМ, но рече дека нејзиното изгласување нема да го реши проблемот.

Според Спасовски, проблемот со Комисијата за социјална политика, демографија и млади и неставањето на Законот за бранителите на дневен ред е во собранискиот спикер Африм Гаши.

-Проблемот во однос на законот за бранители се вика Африм Гаши, не е никој друг. А зошто е ова вака? Затоа што кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен веднаш да овласти друг член на Комисијата и таа да се закаже со точката на дневен ред. Ова прашање го поставив на координација со претседателот Гаши и добив писмен одговор дека му е сугерирано од стручните служби во Собранието дека кога ќе се закаже седницата по почетокот на пленарната седница, ако се закаже воопшто седница на Комисијата која е надлежна да разгледа одредено прашање, дека тој нема надлежност да ја свикува седницата повторно со тоа што би ја додал и точката на дневен ред, рече Спасовски.

Спасовски додаде дека вистинското прашање за надминување на темите што значат функционирање на Собранието не се само претседателите на комисиите, туку, како што рече, вистинското лице, вистинската одговорност и вистинското име и презиме е Африм Гаши.

На новинарско прашање за обвинувања меѓу СДСМ и ДУИ за криминал и етнички тензии, Спасовски потенцираше дека тие се две различни политички партии и имаат различни ставови по одредени прашања.

-Тоа се две различни политички партии. Веројатно не очекувате дека треба да имаме исти ставови по сите прашања со сите политички партии. СДСМ како политичка партија е партија која што има длабока традиција, се изградила и функционира токму на оваа македонска модерна држава и секогаш јасно и гласно ги соопштува и ги кажува своите ставови без разлика за кого се работи. Така што, честопати ќе можеме да видиме дека различни ставови со сите. Клучното прашање треба да подигне нивото на култура во македонската политика, да седнете и да разговарате со секого без разлика на тоа дали имате исти или различни ставови по одредени прашања, додаде Спасовски.

Пред денешната собраниска седница од „Европскиот фронт“ ги образложија интерпелациите за членовите на Владата што ги поднесоа на 3 декември, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември.

Претходна вестЕкспремиерот на Бугарија Кирил Петков повикан на распит во Обвинителството
Следна вестИнспектор нападнал началник во ОВР Радовиш, доби кривична пријава и суспензија