Со едноминутно молчење и положување на цвеќе беше одбележана 17 годишнината од трагичната хеликоптерската несреќа во Блаце кај Катланово.
Снегот и состојбата на патот кон селото не ги одврати претставниците на Министерството за одбрана, Армијата, здруженија на граѓани, членови на Општина Петровец и роднините на загинатите да оддадат почит на 11-те загинати мировници.
Имињата на загинатите никогаш нема бидат заборавени и Македонија вечно ќе се сеќава на нивните заслуги, кажа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, додавајќи дека припадниците на Армијата треба бескрајно да ги почитуваме.
Семејствата на загинатите припадници на АРМ, запалија свеќи за споменот на загинатите вечно да живее.
-И после 17 години, се уште се свежи сеќавањата за трагичната несреќа кај катлановско Блаце, во која загинаа 11 припадници на македонската Армија.
Хеликоптерот Ми-17 се урна на 12-ти јануари 2008 година на 50-тина метри од последните куќи во селото. Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, полетаа со хеликоптерот околу 9 часот и 30 минути од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром во Петровец, а последниот контакт со контролната кула екипажот го имал шест милји од целта.
Во несреќата загинаа потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.