Нова забрана за сообраќај на камиони меѓу Берово и Струмица, Демир Капија – Смоквица е нормализиран

Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) вечерва информираше дека покрај активните седум издадена е уште една нова наредба за забрана за сообраќај на тешки товарни возила. Оттаму уште соопштија дека сообраќајот на патниот правец А1 Демир – Капија – Смоквица е целосно нормализиран.

-Од 19 часот воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Берово – Струмица. Активна е и забраната на патниот правец Тетово – Попова Шапка за тешки товарни возила. Од 22:45 часот сообраќајот на патниот правец А1 Демир – Капија – Смоквица е целосно нормализиран, информираше АМСМ.

Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека, според податоците на АМСМ укинати се три, на сила се уште седум активни забрани за сообраќај на тешки товарни возила.

Укинати се забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци Деве Баир – Крива Паланка, Делчево – граничен премин Делчево и Македонски Брод – Прилеп, преку планинскиот превој Барбарос. Поради снег и снежни врнежи активни забрани за тешки товарни возила сѐ уште има на патните правци Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-Стража-Кичево, Пресека, Плетвар, Ѓавато, Струга – Ќафасан и Тетово – Попова Шапка, за каде се нагласува дека за останатите видови на возила е задолжителна употреба на зимска опрема, информираа од ЦУК.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција од страна на екипите на Македонијапат, од каде информираат дека врнежи од слаб снег се бележат во Гостивар и Дебар.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Возачите се потсетуваат за задолжителното поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Претходна вестОтежнати услови за возење на Плетвар, патот замрзнат поради ниските температури