Денеска во употреба е пуштен експресниот пат Градско-Дреново во должина од 15,5 километри. Делницата почнува кај клучката Градско, а завршува кај клучката Дреново. Вкупната вредност изнесува 37 милиони евра, од кои над 70 отсто се од фондовите на Европската унија.
Како што кажа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски постапката за изградба на оваа делница како што е проектирање и избор на изведувачи почнал во 2013 година, а во 2017 година почнува изградбата. Трајановски кажа дека кога дошол на директорската функција овој проект бил стопиран и на терен ништо не се работело односно работниците на германската фирма „Штрабаг“ биле повлечени од терен.
-Имаше проблем со една огромна косина и неасфалтиран пат. Во септември се реши проблемот и еве сега за само неколку месеци го пуштаме овој пат во употреба, рече Трајановски.
Покрај овие 15,5 километри во употреба од денеска пуштен е и еден километар од делот Дреново-Фариш, кој го гради кинеската „Синохидро“. Трајановски кажа дека останатите девет километри од оваа делница ќе биде пуштен во употреба за неколку месеци.
-Оваа делница во голем дел беше завршена, но поради безбедносни причини со оглед на тоа дека косините не беа добри и имаше карпести делови кои висеа над патот, пуштањето во употреба ќе биде за неколку месеци, рече Трајановски.
Овој пат е дел од коридорот 10Д.