Суспендираниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол е уапсен поради воведување воена состојба. Тој со недели беше забарикадиран во неговата резиденција.
По неколку неуспешни обиди, иследниците го уапсија суспендираниот претседател Јун Сук Јеол, соопштија истражните органи во Јужна Кореја.
Стотици полицајци и антикорупциски иследници се собраа пред резиденцијата на Јун во раните утрински часови. И покрај протестите на поддржувачите на Јун и на членовите на неговата владејачка партија, властите успеаја да го одведат сменетиот претседател во притвор.
Поворка од автомобили излезе од портите на неговата планинска резиденција, каде што Јун со недели беше забарикадиран, криејќи се зад огради од бодликава жица и мала армија чувари. Јун е пренесен во канцеларијата на Антикорупциската агенција (ЦИО).
Во претходно снимена видео порака, Јун вели дека одлучил да се согласи да биде испрашуван за да избегне „крвопролевање“. Јун рече дека одлучил да одговори на прашањата на антикорупциската агенција. Сепак, тој не ја признава законитоста на истрагата. Адвокатите на Јун оценија дека апсењето е незаконско и претставува обид за негово јавно понижување.
Иследниците претходно влегле во неговата резиденција. Телевизиските снимки покажаа дека луѓе вклучени во акцијата користат скали за да влезат на просторот на резиденцијата на Јун.
-Не го знаеме точниот број на луѓе во резиденцијата, но таму има обвинители, изјави претставник на антикорупциската агенција.
Пред апсењето имаше помали судири со безбедносните сили кои го бранеа теренот на резиденцијата. Затоа првично беше кажано дека обидот за апсење бил спречен од службата за воена безбедност.