Кражбите на велосипеди во Скопје стануваат се побројни и скоро секојдневни. За крадците не се пречка катанците, ланците…
Тоа се гледа и од снимка и фотографиите кои пред неколку часа беа објавени од една таква кражба. Објавеното е на Фејсбук страницата „Украдени точаци“, од кои се гледа дека на крадецот му биле потребни само четири – пет секунди за да го украде заклучениот точак.
На снимката која ја споделил скопјанец, прво се гледа како крадецот се врти околу велосипедот кој е наслонет на столб. Потоа, му приоѓа на точакот, клекнува до него и со голи раце сосема лесно и за четири – пет секунди го обива синџирот со кој бил заклучен точакот. Веднаш потоа крадецот седнува на велосипедот и исчезнува.
Објавувачот на видеото кое најверојатно е направено од близок објект, апелира да му се помогне да се препознае лицето кое го украло точакот кај кино „Култура“ во самиот центар на Скопје на улица „Македонија“. Не е наведено дали кражбата се случила денеска.
Ваквата кражба предизвика и реакции на граѓаните-членови на оваа група преку која се бараат украдените велосипеди по градот.
-Буквално четири секунди му беа потребни да го отвори ланецот…
-Тој ако не е спремен да отклучи не оди да краде…
-Тука има такви лица цело време поминуваат, гледаат, истите може да ги видите кај Зелено пазарче, беа само дел од коментарите на граѓаните.
Кражбите на велосипеди дефинитивно мора да ја раздвижат полицијата. Во спротивно крадците ќе „жнеат“ низ Скопје.