Вкупно 201 починат пациент е бројката до која денеска се искачи црниот биланс на лицата кои не успеале да го преживеат опасниот корона вирус. Ова висока бројка се должи на големиот број на пациенти кои починаа во изминативе денови за време на вториот бран.
Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека само за четири дена, од 13 до 16 јуни починале дури 30 лица. На 13 јуни – осум, 14 јуни – девет, 15 јуни – пет и денеска на 16 јуни – осум лица.
Излегува дека во последниве четири дена починале исто толку лица колку што починале во периодот од 3 – 12 јуни, кога битката ја загубиле 30 пациенти.
Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Министерот за здравство Венко Филипче деновиве објасни дека најголем дел од нив имале претходни заболувања.
-Околу 76 проценти од починатите се со претходно регистрирани комробидитети – болести на кардиоваскуларен систем, белодробна болест, дијабетес и други заболувања. Беа преземени сите мерки но за жал за најтешки случаи не можеше да им се помогне, рече министерот.