Немам партиска агенда за изборната кампања и целосно сум посветен на справувањето со корона кризата, изјави денеска Венко Филипче, министер за здравство. Одговорајќи на новинарско прашање околу неговото појавување на партискиот собир на СДСМ вчера во Штип тој рече дека причината било што е дел од тимот на партијата што ја креирал изборната програма.
-Таквите активности ги вршам надвор од работното време. Апсолутно немам партиска агенда за оваа кампања за изборите. Вчера бев во Штип и таму се промовираше Програмата за избори. Меѓутоа, јас таа Програма ја пишував заедно со тимот и сметам дека е најсоодветно јас да ја претставам пред граѓаните. Во таа смисла и видеото, а сите овие активности ги правам надвор од работно време, сé заради тоа што, сепак, навистина многу инвестиравме и направивме во здравствениот систем. Апсолутно сакам да кажам дека целосно сум посветен на решавање на проблемот во врска со коронакризата, немам партиска агенда, немам средба ни со граѓани, ниту работам на терен, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за белодробни заболувања – Козле.
Тој додаде дека сега не е време да се отворат градинките, со оглед на тоа што секојдневно имаме голем број новозаразени пациенти со Ковид-19. Кога бил спроведен скринингот на вработени во градинките имало услови тие да бидат отворени.
-Сепак, потоа почна да расте бројот на новозаболени, поради што не е возможно да се отворат градинките. Во моментот не може да се каже кога ќе се отворат граиднките, рече министерот.