До каде е долготрајната изградба на автопатот Кичево – Охрид? Многу време ништо таму не се градеше. На ова прашање одговор денеска даде министерка за одбрана, Радмила Шекеринска која не се знае по кој повод изврши увид на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид.
-Наследивме обврска која што беше почната но беше почната и поставена на глава. Овој пример, автопатот Кичево – Охрид е доказ, колку е тешко од кал да извадиш нешто што е оставено без проект, без план, без документација и без ред.
Од моментот кога бевме избрани и ја добивме одговорноста покажавме како е да се работи плански. Обезбедивме целосна документација, ги обезбедивме сите неопходни средства, обезбедивме повторно да се работи на делницата Кичево – Охрид. Ако ВМРО ДПМНЕ остави проект од Кичево до Охрид да е автопат без ниту една клучка, успеавме во проектот да се стават 9 клучки кои ќе обезбедат комуникација на населението коешто живее помеѓу овие две општини и започнавме работа на неколку делници.
Очекуваме овој автопат со целосна инфраструктура со 9 клучки автопат како што личи во секоја нормална држава да биде завршен до крајот на 2021 година.
Ние градиме со план, не градиме на збор, не градиме со провизии. Затоа граѓаните можат тоа да го видат со свои очи.
Затоа наместо да поставуваат прашања за автопатот Кичево – Охрид овие од ВМРО ДПМНЕ треба да го повикаат Груевски и да му побараат да и ги врати на државата 15-те до 18-те милиони евра коишто ги зема од овој автопат и го остави неизграден, без тунели и без клучки. На темава ВМРО ДПМНЕ треба и да молчи и да одговара, порача Шекеринска.
Дали автопатот ќе биде готов на посочениот датум или и тој ќе мора да чека, како и Македонија, нови ветени датуми, ќе се види наскоро.