Четири повредени лица и избеган возач е резултат на синоќешната сообраќајна несреќа во која комбе со 50 мигранти се превртело кај струмичкото село Раборци. Полицијата информира дека несреќата се случила во вечерните часови на регионалниот пат Валандово-Струмица, пред крстосницата за село Раборци.
-Се превртело комбе „Мерцедес спринтер“, со битолски регистарски ознаки, во кое биле превезувани 50 мигранти од Индија, Авганистан и Пакистан. По незгодата возачот побегнал од местото, се наведува во информацијата.
Како што информираат од МВР, со тешки повреди се здобиле четворица мигранти, а 10 се здобиле со полесни повреди, констатирани во медицинскиот центар Струмица, каде што биле пренесени за укажување на лекарска помош. Останатите мигранти биле пренесени во Прифатниот центар Гевгелија.
Увид на местото на незгодата извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Струмица и се работи на расчистување на случајот.