Фрлете ги старите фотелји пред овие избори, следните се дури догодина

Од вчера и следните три дена аеродромци на три локации во населбата можат да го однесат кабастиот отпад: мебел, бела техника и слично, за комуналните служби да го соберат. Локациите на бул. „Февруарски поход“ во близина на супермаркетот „Рамстор“, во Ново Лисиче на бул. АСНОМ меѓу бр. 42 и 44 и кај стара Стела во Аеродром. Пораката на крајот на ова соопштение од Општината е дека оваа акција ќе траела подолг период и на други места во општината.

Фрлањето кој каде стигне ваков тип на отпад е казниво со закон, но за тоа ретко кој слушнал оти ретко кога и се случило да биде казнет тој што фрлил. Честа слика низ градот, не само во Аеродром, е да се видат фотелји, па и цели гарнитури, столици, маси, душеци, машини за перење… покрај контејнерите за секојдневно ѓубре. Веројатно главното оправдување на локалните власти би било дека ние граѓаните сме виновни, некултурни, мразачи на сопствената животна околина.

-Вистина е, не знаеме да си ја чуваме околината, сами ја уништуваме, но ако итно морам да се ослободам од кабаст отпад, што да правам?! Да чекам на надлежните пред избори да ја „светнуваат“ општината?! И зошто да има само три дена, зошто да нема цело време екипа, односно локација каде може да се фрли кабаст отпад? прашува Зоран С. жител на Аеродром.

За одговори од надлежните ќе почекаме. Сепак и овие прилики треба да се искористат за фрлање на кабастиот отпад. А да се надеваме дека општините нема да чекаат повторно да прават вакви акции дури пред локалните избори.

Претходна вестПоловина од 168 новоинфицирани се од Скопје, тројца починати од вирусот
Следна вестСтартува четиридневно кино на отворено во Кинотека