Боки 13 преку писмо откри дека пријавил 40-на функционери од извршната власт и бизнисмени

Кривично пријавување за околу 40-тина функционери е содржано во десетина кривични пријави кои до сега ги поднел Бојан Јовановски – Боки 13, неодамна осуден во аферата „Рекет“. Преку писмо на осум страници, кое рачно го напишал, и кое беше денеска споделено во јавноста преку неговиот адвокат, Боки 13 ја информира јавноста дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции од актуелната извршна власт, лица од бизнис секторот, неколку цивилни лица…. 

Ова е за десетина лица повеќе отколку што тоа беше соопштено минатиот пат кога Јовановски, исто така, беше во Обвинителството. Во писмото на Јовановски се наведува дека пријавените лица треба да одговараат за злоупотреба на службена положба, измама, давање лажен исказ.

-Почитувани претставници на медиумите, почитувана јавност, стручна јавност, почитувани претставници на дипломатскиот кор во нашата држава, преку оваа соопштение сакам да соопштам неколку важни факти и околности повикувајќи се на начелото на транспаретност и посебно на висок степен на јавен интерес, се наведува на почетокот на писмото Боки 13 кое го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски.

Во писмото Јовановски и конкретно објаснува за мотивите за поднесување на кривичните пријави.

-Вистина е дека нема ниту „П“ од правната држава туку само еден дерогиран правосуден систем во директна спрега со извршната власт. За да се одбегнат сите шпекулации со ова соопштение ви кажувам дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, лица политичари кои се дел од актуелната извршна власт, за лица од бизнис секторот, за неколку цивилни лица блиски до политички носители на јавни функции, наведе Дуковски.

Бранителот на Јовановски наведе дека Боки 13 бара и заштита од меѓународните претставници во Македонија. Рече и дека денеска нема да заврши поднесувањето на доказите од страна на неговиот клиент туку дека тоа ќе продолжи и во наредниот период. Адвокатот Дуковски рече дека очекува по целосно документирање на случаите, Обвинителството да отвори предмети за поднесените кривични пријави.

Јовановски денеска по третпат беше спроведен од истражниот затвор “Скопје” до Јавното обвинителство Скопје за да даде искази врзани за кривичните пријави. 

Претходна вестЗаев: Препознав дека разговарам со лажна Грета и повеќе од времето молчев
Следна вестКаде се кандидатите од листите во кампањата, имаме прашања за нив?