ДОМ апелира да не се усвои ДУП-от со кој се планираат огромни објекти во подрачјето на третата заштитна зона на бунарите Нерези-Лепенец, во општина Ѓорче Петров.
Иако со планираните 20% зеленило на парцела, Законот за урбано зеленило формално е применет, во овој план од претходно 80% слободни површини се предвидени само 9% јавно зеленило. Дополнително, изградбата на објекти во третата заштитна зона на бунарите Нерези-Лепенец и копањето во длабочина за реализација на подземни паркиралишта, може да направи огромна штета, велат од партијата.
ДОМ инсистира да запре искористувањето на слободните површини во Скопје за изградба на згради и деловен простор. Бетонирајќи ги слободните површини, засекогаш се оневозможува да се постигнат, од постојните 9 м2, со закон утврдените 25 м2 зеленило по жител. Недостатокот на зеленило и зголемувањето на густината на изграденост штетно влијаат на квалитетот на воздухот, локалната клима и квалитетот на живот и здравјето на граѓаните во урбаните средини, додаваат од ДОМ