Вкупно 191 непрописно паркирано возило кренал градскиот „пајак“ во изминативе седум дена, соопшти денеска Градот Скопје.
-Во текот на изминатата недела, од 13 до 19 август отстранети се 20 возила од зонските паркиралишта, а другите 171 возило по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице, се наведува во соопштението.
Гледано во просек, излегува дека секој ден санкција за непрописно паркирање добиле по 27 сопственици на моторни возила.
Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 322 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 20 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.