По најавата дека Јавното претпријатие и стационарот за грижа за бездомните животни „Лајка“ ќе проработи кон крајот на јуни, скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска со нов термин: „Лајка“ ќе се отвори во септември.
-Очекувам стационарот да биде отворен кон првата половина на септември. Двете оперативни сали за животни веќе се целосно опремени и тоа ќе биде предмет на анализа на Агенцијата за заштита на храна и ветерина. Кога ќе почне да работи, ќе почне во полн капацитет, изјави денеска Шилегов.
После подолго време, посочи Шилегов, мапирани се и пребројани кучињата скитници и станува збор за неофицијална бројка не поголема од 2.500. Оваа бројка е различна од проценките кои до сега ги даваа активистите за заштита на бездомните животни во градот, а која се движеше меѓу 6.000-8.000 бездомни кучиња. Активистите тврдеа дека и едногодишната пауза во стерилизацијата на овие кучиња придонела за зголемувањето на нивниот број.