Пратеничка расправа за избор на новата влада ќе започне денеска во 11 часот во македонскиот парламент, која може да трае најмногу два дена, а ќе заврши со гласањето на новоизбраните пратеници. Мандатарот Зоран Заев предложо вкупно 19 министри, седум помалку отколку што имаше во досегашниот владин кабинет.
Покрај Заев како премиер, за членови на владата од редовите на СДСМ се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада. ДУИ во владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.
–Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата, изјави Заев при неодамнешното поднесување.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе гласа потив предлог-листата за новата влада, оценувајќи дека на неа има стари и истрошени кадри и во неа ќе владеат криминалот и корупцијата.