Убаво е да се слушне кога градскиот татко ќе се пофали дека е урнат рекорд во уредувањето на зелените површини во градот. Така завчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов се пофали дека до крајот на август се уредени 117.000 квадратни метри со подигање на нови и обновување на постоечките зелени површини. Тоа демек било за 17.000 квадратни метри повеќе од рекордот постигнат пред две години.
Но, едно паѓа во очи. Во вкупната квадратура има и категорија на „возобновено“ зеленило, како на пример тоа на булеварот „Партизански одреди“ и на некои други локации по градот. Тоа значи дека таму имало веќе уредено зеленило кое потоа се запустило и сега требало да се возобновува. А такви примери имаме на повеќе локации во градот: некогаш уредени зелени површини со текот на времето се запустувале и сега се наметнала потребата да бидат возобновувани.
Прашањето е зошто се дозволило тоа? Зошто се дошло во ситуација да еднаш направеното зеленило се исуши, се изгази, проретчи… Очигледно, подоцнежното одржување не било како што треба. Садници кои што се исушуваат неколку месеци по посадувањето затоа што никој не ги полева со вода, типичен се пример за тоа.
Можеби во иднина и овој проблем треба да се постави во градското јавно претпријатие кое се грижи за зеленилото? Ова, за по некоја година да не се случи истото: пак да се обновува постоечкото зеленило и пак да се постигнуваат рекордите…