Секојдневно мерење на температурата на детето при влезот, во групите до две години ќе има најмногу до шест деца, а кај повозрасните до 15, редовна дезинфекција на просториите, вработени со заштитни средства… е содржината на протоколите по кои од 9 септември ќе работат градинките. Министерите за здравство и за труд и социјална политика Венко Филипче и Јагода Шахпаска денеска инфорамираа дека детските установи се подготвени за почеток на работата.
-Приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не можат да ги извршуваат од дома, објасни Шахпаска.
Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата по што се утврдило дека согласно протоколот градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родителите на 14.555 деца.
-Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот од приоритетните, во тој случај може да прифатат други деца што се запишани во градинките, изјави министерката.
-Просториите и дворовите редовно ќе се дезинфицираат, а доколку дозволуваат временските услови, се препорачува децата да бидат повеќе во надворешни услови. Секој вработен ќе има лични заштитни средства, и на секое дете ќе му биде мерена температура пред влезот на објектот. Не е дозволено собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Вработените имаат обврска да го штитат сопственото здравје, и здравјето на децата при прием и за време на престојот, рече Филипче.
Секое дете ќе има своја постела за спиење, а масите ќе бидат на дистанца од 1,5 метри. Приемот ќе биде на 10 минути со еден родител, кој ќе носи маска.
-Доколку некое дете покаже и најмали симптоми, родителите не го носат во градинка, туку го известуваат матичниот педијатар и градинката и се следи неговата состојба, рече Венко Филипче.
Шахпаска, пак, рече дека и натаму продолжува да важи правилото еден родител на дете до 10 години да биде ослободен од работа.